vladata na srbija

15.02.2024 Скопје

Инфлацијата во јануари падна на 6,4 отсто на годишно ниво од 7,6 отсто во декември, изјави гувернерката на Народната банка на Србија, Јоргованка Табаковиќ на презентацијата на редовниот Извештај за инфлацијата.

Табаковиќ посочи дека новата проекција на централната банка вели дека растот на цените ќе продолжи да забавува во февруари и ќе изнесува 5,5 отсто, додека враќањето на инфлацијата до 4,5 отсто најверојатно ќе се случи на средината на годината.

Гувернерката, одговарајќи на новинарски прашања, оцени дека цената на полиците на продавниците зависи и од конкуренцијата на пазарот, како и од достапноста на стоката, а како пример ги наведе бананите и козметиката од брендот Нивеа.

„Тешко дека можете да купите банани во малопродажните синџири на друго место поевтино – а причината лежи во фактот што еден увозник на банани од Холандија ја снабдува цела Европа“, рече гувернерката во одговор на прашањето како храната во странство е значително поевтина отколку во Србија.

Таа ги наведе производите од брендот Нивеа како пример за драстичната разлика во цената на домашните и странските полици.

„Производите на Нивеа имаат еден увозник (за нашиот пазар). Кога трговците се обидуваат да увезат директно од германскиот производител, добиваат одговор дека треба да ја добијат документацијата што ја пропишавме овде, која е толку „стимулирачка“ што мора да се откажат од тоа. Резултатот е дека дезодорансот Нивеа чини четири евра повеќе во Србија отколку во Германија“, рече Табаковиќ.

Нејзиниот заклучок е дека некој што еднаш склучил ексклузивен договор тешко ќе се повлече од делот на пазарот што го држи „како монополист, не дозволувајќи конкуренција“.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author