29.02.2024 Скопје
Хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ тврди дека Хрватска е една од најбезбедните земји во светот, иако илегалната миграција никогаш не престанала и, како што вели, не и се гледа крајот.
За време на обиколката на државната граница со БиХ, Божиновиќ рече дека „она што го прави хрватската полиција е нешто уникатно во Европската унија“.
„Нашата цел е да ги искористиме сите законски средства за да се обидеме да ја намалиме таа бројка и хрватските граѓани и гости што помалку да чувствуваат дека овде се случува голема работа. Хрватската полиција се покажува како многу ефикасна во ова. Хрватска е една од најбезбедните земји во светот“, рече Божиновиќ.
Помошник-директорот на полицијата и началник на граничната управа, Зоран Ничено, вели дека бројот на илегални гранични премини е намален во однос на истиот период лани.
„Оваа година има 11 отсто помалку илегални преминувања на државната граница и два отсто помалку баратели на азил“, рече Ничено во Корански Љесковац.
Тој го оцени како исклучителен резултат имајќи предвид дека во исто време бројот на нелегални влегувања во Босна и Херцеговина се зголеми за 36 отсто поради пренасочувањето на трасата поради зголемената контрола на унгарско-српската граница.
Тој додаде дека илегалните мигранти лесно влегуваат во БиХ и дека некои од нив влегуваат вооружени.
„Босна и Херцеговина нема капацитет, нема волја и нема развиено раководство. На еден состанок имало 105 лица од хрватска страна, а четворица од страна на БиХ. Затоа, не може да се смета на помош“, оцени тој.
Ничено предупреди дека шест групи шверцери на мигранти оперираат во областа Бихаќ.
„Прашање на денови е кога повторно ќе се судрат меѓу себе и кога граѓаните ќе настрадаат како резултат на тоа. Ниту една полиција во светот не треба да го дозволи тоа“, рече Ничено.
Истовремено, МВР објави неколку видео снимки од надзорните камери на граничните премини, на кои се гледа начинот на криумчарење мигранти, не ретко со насилно пробивање на бариерите.
Подготвено од А.Ѓ.