vesna-dameva-i-holandski-ambasador

07.02.2024 Скопје

Кралството Холандија го обнови проектот за зајакнување на Судскиот совет, кој беше ставен во мирување во мај минатата година по случувањата во ова тело, кои кулминираа со незаконско разрешување на Весна Дамева од претседател на Советот.

Обновувањето на проектот доаѓа по враќањето на Дамева на чело на Судскиот совет откако Управниот суд во декември лани пресуди дека таа била разрешена од функцијата незаконски и без образложение.

Претседателката на Судскиот совет, како што соопштија оттаму, денеска се сретнала со холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп, кој ѝ го предал известувањето за обновување на проектот „Зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот совет на Република Северна Македонија“, финансиран од владата на Холандија.

Дамева освен за обновувањето на проектот изразила благодарност и за дадената доверба и поддршка.

За средбата преку објава на социјалната мрежа Фејсбук информираа и од Амбасадата на Холандија во земјава. Оттаму велат дека одлуката за продолжување на проектот МАТРА е донесена, односно се заснова на детална анализа на позитивните случувања во Советот, како и на барањето на Дамева и изразената посветеност од нејзина страна за целосно спроведување на препораките на оценската мисија на Европската Унија (ЕУ).

Подготвено од М.Д.

About Author