20.02.2024 Скопје
Талибанците поставија неприфатливи услови за присуство на состанок за Авганистан под покровителство на Обединетите нации, изјави генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
По дводневниот состанок во Катар, тој рече дека меѓу барањата на Талибанците е исклучување на членовите на авганистанското граѓанско општество од преговорите во Доха и третман што претставува официјално признавање на Талибанците како легитимни власти во Авганистан.
„Добив писмо од Талибанците со низа услови за присуство на оваа средба кои не беа прифатливи“, рече Гутереш на прес-конференција.
На дводневниот состанок во Доха се собраа членовите на ОН и специјалните пратеници, но Талибанците не присуствуваа бидејќи нивните барања не беа исполнети.
Талибанците ја презедоа власта во 2021 година, откако силите на САД и НАТО се повлекоа по две децении војна. Ниту една земја не ги признава како авганистанска влада, а ОН најавија дека признавањето е речиси невозможно додека се во сила забраните за образование и вработување на жените.
Подготвено од А.Ѓ.