google chrome

15.02.2024 Скопје

Интернет компанијата Google предупреди дека голем број софтверски компании за надзор овозможуваат употреба на опасни хакерски алатки.

Затоа Google ги повика Соединетите Држави, како и нивните сојузници, да направат што е можно повеќе за да ја ограничат индустријата за шпионски софтвер. Компаниите за шпионски софтвер често истакнуваат дека нивните производи се насочени кон владите за национална безбедност.

Меѓутоа, постојано се открива дека ваквата технологија многу често се користи во последната деценија за хакирање телефони на граѓански организации, политичка опозиција и новинари.

Индустријата е под зголемена контрола откако шпионскиот софтвер од израелската компанија NSO Pegasus беше пронајден на телефоните на многу луѓе ширум светот, вклучувајќи ги и бранителите на човековите права.

Истражувачите на Google велат дека иако случајот NSO е добро познат низ целиот свет, постојат десетици помали фирми кои помагаат во ширењето на шпионската технологија за злонамерна употреба.

„Побарувачката од владините купувачи останува силна, а нашите наоди откриваат и нагласуваат како продавачите на комерцијални шпионски софтвер ги проширија можностите за хакирање и шпионирање што ја ослабува безбедноста на Интернет за сите корисници“, се вели во соопштението, додавајќи дека приватниот сектор е одговорен за суштински дел од најсофистицираните алатки откриени од истражувачите.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author