27.02.2024 Скопје
Гарантираните цени на производите во маркетите од следниот месец нема да се продолжат, вели министерот за економија Крешник Бектеши. Редот во нелојалната конкуренција, Бектеши вели дека ќе се става со носењето на законот за нефер трговски практики, кој според него ќе доведе и до намалување на цените на прехранбените производи.
Очекувањата на Бектеши се ова законско решение, за кое вели дека е целосно усогласено со европската регулатива и е со европско знаменце, да биде усвоено во најкраток можен рок.
Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи, Бектеши вели дека уште во декември 2023 година, на предлог на Министерството за економија е усвоен од Владата и доставен до Собранието.
Согласно владина одлука, која прво важеше до крајот на ноември мината година, а потоа неколкупати беше продолжена, од септември по намалени цени се продаваат прехранбени производи од вкупно 24 категории. Меѓу другото, по поевтини цени граѓаните можеа да набават леб, млеко, јогурт, сирење, мелено месо, пилешко месо, тестенини, овошје, зеленчук. Со оваа одлука беа опфатени и безалкохолните пијалаци и пивото.
Министерството за економија донесе и одлука за намалување на увозните давачки за увоз на свеж зеленчук што важи до 28 февруари годинава според која применливата царина е 10 отсто за кромид, праз, карфиол и брокула, салата, моркови, модар патлиџан и тиквици, како и одлука за намалување на увозните давачки за увоз на свежи домати, краставици и пиперки што исто така важи до 28 февруари годинава и за кои применливата царина е 10 отсто. Со земјите од ЦЕФТА, пак, царината е 0 отсто.
Подготвено од М.Д.