21.02.2024 Скопје
Францускиот министер за финансии Бруно Ле Мар изјави дека Франција ја намали прогнозата за раст на БДП за оваа година од 1,4 на еден отсто и најави намалување на трошоците за околу 10 милијарди евра.
Министерот посочи дека намалувањето на расходите ќе се спроведе веднаш во сите министерства. Тој најави и дека веднаш ќе се намали буџетот на одредени владини иницијативи, за да се компензира слабата перспектива за раст.
Тоа треба да и овозможи на Франција да ја задржи целта за намалување на дефицитот на 4,4 отсто во 2024 година, рече Ле Мер, уверувајќи ги граѓаните дека владата нема да ги зголеми даноците. Дефицитот лани беше 4,9 отсто.
Ле Мер го оправда прегледот со актуелната геополитичка клима, истакнувајќи ја специјалната руска воена операција во Украина, конфликтот на Блискиот исток и економските проблеми во Европа и во странство. Европската комисија претходно објави дека очекува раст во Франција од 0,9 отсто оваа година.
Францускиот министер истакна дека приоритетите на Париз ќе останат помошта за Украина и локалните земјоделци. Тој изјави дека Владата може да најави ребаланс на буџетот доколку се потребни дополнителни заштеди.
Подготвено од А.Ѓ.