03.02.2024 Скопје
Франција побара итно суспендирање на одлуката на Приштина за забрана на употребата на динарот, наведувајќи дека решение за проблемот треба да се најде во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина што го води Европската унија.
Во соопштението од француското Министерство за надворешни работи, се наведува дека Париз е загрижен поради одлуката на Приштина да одобри само еврото за готовински трансакции на Косово и Метохија.
Се нагласува дека оваа одлука донесена набрзина и некоординирано ќе има последици врз секојдневниот живот на српската заедница во Косово, што во голема мера зависи од уплатите во српски динари од Србија.
„Во недостиг на алтернативни решенија до денес, Франција бара итно суспендирање на оваа мерка со цел да се обезбеди доволен преоден период. Ги повикуваме косовските власти да најдат решение преку преговори во рамките на дијалогот што го води Европската унија“, се додава во соопштението.
Подготвено од А.Ѓ.