26.02.2024 Скопје
Словачкиот премиер Роберт Фицо денеска изјави дека Словачка нема да испраќа свои војници на територијата на Украина.
„Словачка ќе и понуди на Украина можност да обучува војници на наша територија, поточно единици за деминирање“, изјави премиерот по состанокот на владата пред самитот на претставниците на ЕУ и другите земји од НАТО денеска во Париз.
Тој додаде дека неколку членки на НАТО и ЕУ размислуваат да испратат војници во Украина на билатерална основа.
„Не можам да кажам за какви цели и што треба да прават таму“, рече тој.
Во Париз ќе се разговара за „нов квалитет, нов опсег на поддршка за Украина во наредниот период“, посочи Фицо и додаде дека сака да ја отвори темата за мировниот план.
Тезите на преговорите сведочат за тоа дека работите во Украина одат подалеку од очекуваното.
Преостанатите две коалициски партии, Глас и Словачката национална партија (СНС), се согласија со одлуката да не се испраќаат словачки војници во Украина.
Водачот на Глас, Петер Пелегрини оцени дека доколку европските земји испратат војници во Украина, тоа ќе ја ескалира ситуацијата, оценувајќи дека е грешка што на агендата на конференцијата во Париз не се споменува почеток на мировни преговори.
Тој, исто така, подвлече дека државите можат да испратат воена технологија и војници во Украина „не врз основа на мандат на НАТО, туку врз основа на билатерални договори меѓу одделни држави и украинската влада“.
Подготвено од А.Ѓ.