bugarija evrozona

27.02.2024 Скопје

Бугарија има реална шанса да влезе во еврозоната во 2025 година бидејќи ќе може да ги исполни сите услови за членство.

Ова го изјави министерот за финансии Асен Василев по неформалната средба на министрите за економија и за финансии во Гент минатата недела.

„Го следиме планот за еврото“, рече Асен Василев, бугарскиот министер за финансии, по состанокот со Кристин Лагард на Европската централна банка (ЕЦБ), претседателот на Еврогрупата Паскал Донаху, комесарот за економија Паоло Џентилони и комесарот за трговија Валдис Домбровскис во петокот.

„Сите прогнози – и Европската комисија и ЕЦБ покажуваат дека последниот критериум што не го исполнивме – критериумот за инфлација – ќе се исполни во 2024 година, со што членството ќе се отвори во 2025 година“, додаде Василев, како што информираат од медиумскиот центар на Министерството за финансии.

Според него, за влез во еврозоната е потребен стабилен политички амбиент и редовна влада, што значи дека ротацијата на владата меѓу владејачките формации – Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија (ПП-ДБ) и ГЕРБ – треба да се случи во март. Премиерот на ПП-ДБ Николај Денков таа функција би и ја препуштил на актуелната министерка за внатрешни работи Марија Габриел (ГЕРБ).

„Целата законодавна програма е веќе усвоена, односно отсега немаме никакви правни пречки. Останува само законот за усвојување на еврото кој во моментов е во консултација со Европската комисија и Европската централна банка“, истакна Василев.

Министерот за финансии додаде дека Бугарија лани имала дефицит од 2,2 отсто, што е во дозволените граници.

„Годинава повторно сме во критериумите, за да може да се продолжи со финансиската политика и интензивно да се работи на воведувањето на еврото, неопходна е политичка стабилност“, рече тој. Одговарајќи на прашањето, министерот за финансии рече дека ЕЦБ и ЕК предвидуваат просечна годишна инфлација од околу три проценти годинава.

Пред еден месец Денков навести дека Бугарија можеби нема да влезе во еврозоната на 1 јануари 2025 година, туку на 1 јули истата година. Причината е што ЕЦБ може да и даде на земјата уште неколку месеци да ја стави под контрола инфлацијата.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author