evropska unija pomos ukraina

23.02.2024 Скопје

Советот на Европската унија денеска по повод втората годишнина од војната во Украина го усвои 13-тиот пакет индивидуални и економски санкции на ЕУ против Русија.

Како што се наведува во соопштението, станува збор за рестриктивни мерки против „режимот на Путин, оние кои се одговорни за одржување на неговата незаконска, неиспровоцирана и неоправдана агресивна војна и оние кои значително ја поддржуваат“.

Како дел од 13-тиот пакет санкции, воведени се рестриктивни мерки за дополнителни 106 физички лица и 88 субјекти кои, како што се тврди, се „одговорни за дејствија што го поткопуваат или загрозуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина“, со што се ставаат на црната листа на ЕУ во врска со овие акции сега наоѓа повеќе од 2.000 поединци и ентитети. Во соопштението се вели дека новите санкции првенствено се насочени кон воениот и одбранбениот сектор и поврзани поединци, „вклучувајќи ги и оние кои се вклучени во снабдувањето со севернокорејско оружје за Русија“, како и членовите на судството, локалните политичари и луѓето одговорни за она што се дефинира како „нелегална депортација и воено превоспитување на украинските деца“.

Поединците и субјектите на списокот со санкции се предмет на замрзнување на имотот, а на граѓаните и компаниите на ЕУ им е забрането да им даваат средства на располагање. Забрана за патување подлежат и физичките лица, која им оневозможува влез или транзит низ територијата на ЕУ. Во однос на контролите и ограничувањата на увозот и извозот, Советот додаде 27 нови ентитети на списокот на оние за кои тврди дека директно го поддржуваат рускиот воено-индустриски комплекс во неговата војна против Украина и ќе бидат предмет на построги извозни ограничувања на стоки и технологија за двојна намена, како и стоки и технологија кои би можеле да придонесат за технолошко подобрување на рускиот одбранбен и безбедносен сектор.

Како што се тврди, некои од овие субјекти се лоцирани во трети земји како Индија, Шри Ланка, Кина, Казахстан, Тајланд, Турција и Србија и „се вклучени во заобиколувањето на трговските ограничувања, други се руски субјекти вклучени во развојот, производството и снабдување со електронски компоненти за рускиот воен и индустриски комплекс“.

Брисел додаде компоненти за развој и производство на беспилотни летала и ограничувања на извозот на стоки „кои особено придонесуваат за подобрување на руските индустриски капацитети, како што се електричните трансформатори“ на списокот на забранети артикли. Со денешната одлука, Велика Британија е додадена на листата земји-партнери кои применуваат сет рестриктивни мерки за увоз на железо и челик од Русија, како и сет мерки за контрола на увозот кои во суштина се еквивалентни на мерките на ЕУ.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author