evropska unija pomos ukraina

19.02.2024 Скопје

ЕУ очекува БиХ да ја почитува политиката на рестриктивни мерки, вклучително и воведување санкции против Русија, изјавија од Канцеларијата на ЕУ во Сараево.

Како што изјави Фердинанд Кениг, портпаролот на европската канцеларија во Сараево, БиХ целосно ја почитува надворешната политика на ЕУ, но кога станува збор за санкции, тоа не е така.

„Почитувањето на санкциите на ЕУ сè уште е предмет на политичко оспорување, што предизвика значителни пречки во нивното спроведување, вклучително и невоведување забрана за летови од Русија или за емитување медиуми спонзорирани од Русија“, рече тој.

Кениг потсети на посетата на БиХ на Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, за време на која таа го поздрави 100-процентното почитување на БиХ со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

„Тоа значи дека Босна и Херцеговина целосно се согласува со позициите на ЕУ за време на гласањето во ОН, на пример во Генералното собрание на ОН, одлуките на Советот за надворешни работи на ЕУ и заедничките изјави на високиот претставник за Надворешната и безбедносна политика на ЕУ и земјите-членки на ЕУ“, нагласи тој.

Босна и Херцеговина, како земја на пат кон членство во ЕУ, е должна да ја усогласи својата политика со политиката на ЕУ, што го забележа и Кениг.

„ЕУ очекува БиХ, како земја кандидат, да обезбеди целосна имплементација на рестриктивните мерки на ЕУ. Исто така, неопходно е БиХ да направи дополнителни напори за да го затвори својот простор за странско влијание и манипулација со информациите и да пристапи кон повеќе меѓународни договори и режими, како што се режимите за контрола на оружјето“, рече тој.

Иако БиХ формално не применува рестриктивни мерки на ЕУ против руските граѓани, властите на БиХ ги враќаат граѓаните на Русија кои се на списокот на европски санкции од границата.

Граничната полиција на БиХ соопшти дека до крајот на 2022 година биле регистрирани вкупно 2.598 државјани на Руската Федерација, од кои 1.654 влегле во БиХ, а 944 излегувале од БиХ, а посочуваат дека во тој период на 24 руски државјани им бил одбиен влез.

Сите земји кои се под договорни обврски со ЕУ автоматски се приклучуваат на рестриктивните мерки што ЕУ ги донесува.

Така, на пример, беше случај и со последната одлука од 29 јануари во врска со состојбата со човековите права во Русија. На крајот од одлуката пишува дека земјите кандидати Северна Македонија, Црна Гора, Албанија, Украина, Молдавија и Босна и Херцеговина, земјите од Европскиот договор за слободна трговија (ЕФТА) Лихтенштајн и Норвешка, како и членките на Европската економска област, се согласуваат со оваа одлука на Европскиот совет.

„Секоја од овие земји ќе се погрижи нивните национални политики да се усогласат со оваа одлука“, беше нагласено.

Босна и Херцеговина, како и Србија, се уште не се приклучиле кон рестриктивните мерки на ЕУ против Русија, а како оправдување Владата на Србија посочува дека земјата е во процес на пристапување во ЕУ и дека, додека не стане целосна членка, има време да ги почитува сите одредби на ЕУ.

Слична формулација, иако во малку поинаков контекст, користат и земјите-членки на ЕУ кога го одложуваат спроведувањето на некои обврзувачки одлуки на ЕУ.

На пример, земјите-членки на ЕУ се обврзани да го прифатат еврото како своја валута, но со оглед на тоа што нема рокови до кои тоа мора да се имплементира, формалното објаснување е дека земјите се во процес на усогласување на економските и правните критериуми.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author