29.02.2024 Скопје
Меѓународната заедница со јасна порака до Македонија – почитувајте ги меѓународните договори. Останатото не зависи од вас.
Министерството за надворешни работи (МНР) сѐ уште не ги расчистува дилемите за границите кои може да се преминат со стар пасош.
Во меѓувреме, од Делегацијата на ЕУ во Скопје порачуваат. Државите од Шенген-зоната самите одлучуваат како ќе се спроведува регулативата, велат оттаму за Медиумската информативна агенција.
Владејачкото мнозинство во Собранието, на денешната седница не ги поддржа предложените законски измени за продолжување на важноста на патните исправи. Од вкупно 100 пратеници, 46 пратеници гласаа „за“, додека 54 беа „против“.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ предложија продолжување на важноста на пасошите до крајот на годината. Од ЛДП, пак, предложија дополнување на Законот за патните исправи, за патните исправи кои содржат печат на Република Северна Македонија, да важат до истекот на важноста на документот.
Собранискиот спикер Јован Митрески вчера порача дека меѓународните договори не може да се менуваат со закон., Пратеникот од опозицијата Драган Ковачки, реагираше дека власта со отфрлање на можноста за законски измени, свесно ги крши уставните права за слободно движење.
Претходно, владини претставници информираа дека нова пратка со обрасци се очекува во јуни. Тогаш ќе пристигнат 300.000 обрасци за пасоши и со тоа, до септември ќе бидат издадени околу 1.900.000 пасоши.
Министерот за внатрешни работи, Тошковски, посочи дека целта на МВР е да се стигне до максимална бројка од 3.300 произведени пасоши на ден – почнувајќи од 6 наутро, па до 22 часот навечер.
Подготвено од М.Д.