14.02.2024 Скопје
Разочарувањата се составен дел од растењето, а шопингот не е начин да се утеши детето.
Ако, на пример, му забраните на вашето дете да гледа цртани пред спиење, веројатно ќе се разочара. Разочарувања го чекаат на секој агол додека расте, а вие не можете секогаш да го заштитите.
Наместо тоа, подобро е да го научите како да се справува со емоциите, наместо да се жали, хистерично да се однесува или да ги обвинува сите околу него.
Покажете емпатија и разбирање
Започнете со давање до знаење на вашето дете дека ги почитувате и сочувствувате со неговите емоции. На пример, некои од фразите можат да помогнат: „Разбирам како се чувствуваш сега“, „Да, многу е непријатно и разочарувачки“, „И јас би бил разочаран да сум на твое место“.
Така ќе му биде јасно на детето дека го разбирате и го поддржувате кога ќе почувствува негативни емоции.
Фокусирајте се на фактите
Објаснете му на детето дека, и покрај неговите чувства, реалноста не може да се промени. На пример: „Разбирам дека си разочаран/а, но факт е дека надвор има бура и сега не може да одиш во паркот да си играш“.
Помогнете му да го реши проблемот
За да ја намалите напнатоста, замолете го детето да размисли што би сакало да прави сега или да му понудите заедно да направите нешто што му се допаѓа. Ако сака да црта, тоа е идеална активност, бидејќи има терапевтски ефект врз децата и добро влијае на нивното расположение.
Секако, охрабрете го малечкото заедно да размислите што може да се направи во одредена ситуација, а што ако таква ситуација се повтори. Во зависност од неговата возраст, би било добро да му објасните дека постојат работи во животот кои не можеме да ги контролираме.
Внимавајте на вашата реакција
Обрнете внимание на тоа како реагирате на разочарувањата. Ако се жалите, викате, ги обвинувате сите околу вас, би било добро да бидете свесни за тоа и да му покажете на вашето дете како да се справи со разочарувањето на добар начин: признајте дека сте лути, но дека ќе се справите со тоа. Следниот пат кога ќе се најдете во таква ситуација, најдете друг начин да ги изразите своите негативни емоции.
Што не треба да правите?
Разочарувањата се составен дел од растењето, а шопингот не е начин да се утеши детето.
Она што многу родители го прават, а не треба, е да ги игнорираат негативните емоции што ги чувствува детето, бидејќи интернализирањето или криењето на емоциите може да остави психолошки последици.
Исто така, не е добро да се обидувате да го поткупите детето, т.е. да му ја олесните болката и разочарувањето купувајќи му нешто. Мора да научи да се соочува со тешки и непријатни ситуации.
Имајте на ум дека малите деца често реагираат на разочарување со лутина. Не почнувајте да беснеете и викате под влијание на неговото однесување, туку бидете трпеливи, објаснете му зошто не може да го добие она што го сака и понудете му прегратка како утеха.
Подготвено од А.Ѓ.