12.02.2024 Скопје
Собранието денеска треба да ја продолжи 143. седница која ја започна во петокот, а на која по речиси целодневна расправа беа разрешени министрите за здравство и за информатичко општество и администрација, Фатмир Меџити и Азир Алиу, од редовите на Алијанса за Албанците.
По гласањето во парламентот со кое Меџити и Алиу беа разрешени, а се случи околу полноќ во петокот, собранискиот спикер Јован Митрески најави дека седницата, на чиј дневен ред беше и изборот на нови министри во овие два ресора, ќе продолжи в понеделник, односно денеска во 11 часот.
На позицијата министер за здравство е предложен актуелниот директор на Клиничката болница во Тетово, Илир Демири, а на министерската позиција во Информатичко општество и администрација се предлага Наим Бајрами.
Предлогот за назначување на Демири и Бајрами на местото на досегашните министри дојде од Алијанса за Албанците по партискиот раскол во кој Меџити и Алиу застанаа зад партискиот лидер Арбен Таравари во одлуката АА да коалицира со опозициските партии на Албанците на претстојните избори.
Подготвено од М.Д.