07.02.2024 Скопје
Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) во својот февруарски извештај објави дека глобалниот економски раст веројатно ќе забави на 2,9 отсто во 2024 година, од 3,1 отсто во 2023 година.
На веб-страницата на организацијата со седиште во Париз се наведува дека во 2025 година се очекува глобален економски раст од три проценти.
Еврозоната очекува економски раст од 0,6 отсто во 2024 година, што „би требало да се забрза до 1,3 отсто во 2025 година“, се додава.
Во извештајот се наведува и дека глобалниот економски раст ја покажал својата отпорност на притисоците минатата година, а инфлацијата се намалила побрзо од очекуваното. Сепак, резултатите значително се разликуваа во различни региони и земји.
На пример, силен раст е забележан во САД и многу пазарни економии во развој, додека економско забавување е регистрирано во повеќето европски земји, посочува ОЕЦД.
Најновите показатели упатуваат и на одредено забавување на глобалниот раст, бидејќи последиците од построгите финансиски услови се уште се забележливи на кредитниот и станбениот пазар, а светската трговија се уште е пригушена. Се посочува дека нападите врз бродовите во Црвеното Море нагло ги зголемиле транспортните трошоци и го продолжиле времето на испорака, го нарушиле распоредот на производството и го зголемиле притисокот врз цените.
ОЕЦД, исто така, тврди дека централните банки треба „уште некое време“ да одржат рестриктивна монетарна политика за да ги спречат основните инфлациски притисоци.
Подготвено од А.Ѓ.