12.02.2024 Скопје
Чешкиот европратеник Микулаш Пекса во реакција на изјавата на најверојатниот републикански кандидат на американските претседателски избори, оцени дека на Европа и треба сопствена армија, затоа што „не може да се потпреме на заштитата на Доналд Трамп“.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека доколку биде реизбран за претседател на САД, САД би можеле да не ги заштитат од евентуален руски напад оние сојузници во НАТО кои „не трошат доволно за одбраната“.
Според чешкиот европратеник Микулаш Пекса, кој доаѓа од редовите на чешката Пиратска партија, таквата заедничка европска армија би можела да се финансира од Буџетот на ЕУ и да биде во надлежност на Европскиот парламент.
Пекса додаде дека на тој начин ќе нема потреба „да се грижиме дали има мнозинство за два отсто од БДП во 30 различни парламенти.
САД, кои трошат значително повеќе за одбраната од другите сојузници во НАТО, инсистираат членките на Алијансата да ја исполнат договорената обврска за потребите на одбраната да издвојуваат средства во висина два отсто од националниот БДП.
На идејата на Пекса, се надоврза и неговиот сонародник Александр Вондра, европратеник од чешката Граѓанска демократска партија, кој не се изјасни околу предлогот за европска армија, но порача дека Европа треба да ги зголеми своите трошоци за одбраната, без разлика кој ќе биде станарот во Белата куќа.
Потребата од зајакнување на европската одбрана ја нагласи и претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел во реакција на изјавата на Трамп, оцени дека ваквите ставови повторно ја нагласуваат потребата ЕУ итно дополнително да ја развива својата стратешка автономија и да инвестира во својата одбрана и да ја одржи Алијанса силна.
Според Мишел, „невнимателните изјави за безбедноста и солидарноста на НАТО“ одат во корист на рускиот претседател Владимир Путин и „не носат ниту повеќе безбедност, ниту повеќе мир во светот“.
Според Членот 5 од Договорот за НАТО, вооружен напад врз членка на Алијансата ќе се смета за напад врз сите земји на пактот и ќе резултира со колективна самоодбрана.
Европскиот комесар за внатрешен пазар Тиери Бретон, во чија надлежност во Европската комисија е ресорот одбрана, во интервју за француската телевизија ЛЦИ рече дека изјавата на Трамп не е „ништо ново под Сонцето“.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел изјави дека НАТО не може да зависи од расположението на американскиот претседател.
На изјавата на Трамп вчера реагираше и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој оцени дека секоја сугестија оти сојузниците нема да се бранат меѓусебно, ја поткопува безбедност на сите, вклучително и онаа на САД, и ги става американските и европските војници во зголемен ризик.
Полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш, чија земја оваа година се очекува да одвои речиси три отсто од својот БДП за потребите за одбрана, пак, порача дека мотото на НАТО „еден за сите, сите за еден“ е конкретна посветеност.
Подготвено од А.Ѓ.