29.02.2024 Скопје
И покрај сите препораки за забрана за употребата на ветеринарниот антипаразитски лек „ивермектин“ врз човекот за време на ковид-пандемијата, во Македонија овој лек се употребуваше без никакви ограничувања. Микробиолози и епидемиолози, научници и истражувачи повеќе пати предупредуваа, но во Maкедонија многу пациенти го примаа овој лек на своја рака и со дозвола од македонските здравствени иснтитуции.
На 2 јануари 2021 година Комисијата за заразни болести на Министерството за здравство на Македонија, откако доби уверување дека лекот е евтин и ефикасен, даде зелено светло да се користи кај нас. Лекот не се произведува во Македонија, а дотогаш не беше ни регистриран и затоа се направи интервентен увоз на лекот. Веќе на 14 јануари Министерството за здравство информира дека стручниот колегиум за ЈЗУ Универзитетска клиника за пулмологија и алергологија изготви Протокол за лекување на пациентите со ковид-19 и истиот е доставен до матичните лекари.
Тогаш и директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, доктор Милена Стевановиќ изјави дека на инфектологија немаат никакво искуство со „ивермектинот“, но нивните колеги од Фармацевтскиот факултет кои го анализирале лекот малку повеќе, од фармаколошки аспект, сугерираат дека треба да му се даде шанса.
Лекувањето со овој лек во други земји траеше кратко, за разлика од кај нас. Во светот брзо се отфрли идејата и употребата на ветеринарниот „ивермектин“ за третман на луѓе. Производителот на лекови „Мерк“ објави дека овој лек не лекува ковид-19. И покрај тоа Министерство за здравство на 5 февруари информира дека лекот „ивермектин“ ќе продолжи да се дава кај ковид пациенти во Македонија. Тогаш немаше вакцини, но имаше „ивермектин“.
Само да потсетиме што тогаш објави американската Агенција за храна и лекови – „Не сте коњи. Ниту крави. Сериозно, сите, престанете да го земате лекот ивермектин“.
И Европската агенција за лекови (ЕМА) објави дека „ивермектин“ не помага во спречувањето и лекувањето на ковид-19.
Македонските пациенти повеќе од една година спротивно се лекуваа со ветеринарен лек, по протокол и со препорака од лекар. И покрај тоа, за ова никаде нема никакви податоци, истражување за последиците, одговорност и индивидуална и институционална.
Подготвено од М.Д.