06.02.2024 Скопје
Островската држава Занзибар во Индискиот Океан се соочува со недостиг на алкохол, што му се заканува на туристичкиот сектор на една од најпопуларните африкански дестинации.
Туризмот сочинува околу 90% од странските приходи на танзанискиот архипелаг, а цените на пивото скокнаа речиси 100% откако синџирот на снабдување беше нарушен поради ненадејна промена на увозникот.
Министерот за туризам на Занзибар неодамна поднесе оставка поради лошите услови за работа, но некои ја поврзуваат неговата оставка со проблеми со снабдувањето со алкохол.
Хотелиерите предупредуваат дека проблемите со снабдувањето со алкохол може да доведат до туристички неуспех во Занзибар, инаку познат по песочните плажи и природните и културните убавини.
Неколку хотели долж плажите Матемва на северот на копното на Занзибар служат само безалкохолни пијалоци, а луѓето во областа мора да одат во главниот град, Стоун Таун за да купат алкохол.
Локалното производство на алкохол е забрането во Занзибар, чие население е претежно муслиманско. Најголем дел од алкохолот што се продава на островите доаѓа од Танзанија, додека дел се увезува од Јужна Африка.
Недостигот започна на почетокот на оваа година кога регулаторното тело, Занзибарскиот одбор за контрола на алкохол (ZLCB) го одложи обновувањето на лиценците за три воспоставени увозници, One Stop, Scotch Store и ZMMI.
Не е јасно зошто на оние компании, кои го снабдуваат островот со алкохол повеќе од 20 години, не им се обновени лиценците.
За да можат увозниците на алкохол да добијат лиценца, тие мора да бидат жители на Занзибар со чисти даночни документи, возила за складирање и испорака.
Дополнително, увозниците мора да плаќаат и годишен надоместок од 12.000 американски долари на регулаторната власт во Занзибар.
Подготвено од А.Ѓ.