26.02.2024 Скопје
Цената на гасот во Европа падна на нивото од мај 2021 година, пред прекинот на снабдувањето од Русија, што дава надеж дека енергетската криза што го зафати континентот во последните три години сега е при крај.
Различниот увоз на течен природен гас, топлото време и намалената побарувачка како резултат на високите цени во претходните години помогнаа да се задржи гасот складиран во ЕУ на историски високи нивоа оваа зима, придонесувајќи за падот на цените.
Цената на гасот во центарот ТТФ во Холандија во петокот падна на 22,53 евра за мегават час, продолжувајќи го тринеделниот циклус на пониски цени.
Енергетската криза во Европа започна во 2021 година кога континентот излезе од продолжената студена зима со ниски нивоа на складиран природен гас.
Загриженоста порасна откако, според Фена, снабдувањето се влоши поради намалувањето на извозот на руски гас во Европа, а трговците шпекулираа дека тоа е тактика на Москва да изврши притисок врз европските влади, вклучително и Германија, да го одобрат стартувањето на новоизградениот Гасовод Северен тек 2.
Увозот на руски гас дополнително ослабе по почетокот на војната во Украина.
Цените на европскиот гас го достигнаа врвот во летото 2022 година и во еден момент мегават час чинеше повеќе од 300 евра. Оттогаш, напорите на земјите од ЕУ да ја намалат побарувачката, како и да го зголемат увозот на течен природен гас од САД, продолжија, а последователните топли зими помогнаа да се ублажи кризата со снабдување.
Подготвено од А.Ѓ.