13.02.2024 Скопје
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска информираше дека пред крај е изнаоѓањето решение за состојбата во Основното ушилиште (ОУ) Тодор Јанев во Општина Чашка, каде два месеци нема настава поради бојкот и блокади на дел од родителите. Проблемите почнаа кога беше одлуќено во ова училиште да се воведе паралелка на албански наставен јазик.
„Во текот на денешниот ден и исто така и утре после владината седница што ќе ја имаме, ќе имаме конкретно известување за тоа што е решение за Општина Чашка. Но едно можам да кажам сега дека сме при крај за изнаоѓање на решение на тоа што повеќе од два месеца се случува таму. И работиме за сите ученици, без разлика на националноста на која им припаѓаат според уставното право да имаат образование на мајчин јазик. Денеска или утре најкасно ќе ги имаме конкретните одговори после дискусијата помеѓу Владата, МОН, Советот на родители и претставници на локалната самоуправа“, изјави Шаќири од тетовско Селце.
Шаќири на новинарски прашања за релациите помеѓу Општина Тетово и МОН околу надлежностите за гимназијата рече дека станува збор за постапка во која никој не треба да се однесува „кој има право“ или „кој нема право“.
„Враќањето на ингенренциите на тетовската гимназија не е во делот за именување на директорката на функцијата, но е само за финансискиот дел, во однос на исплаќање на фактури, префрлување на блок дотации. Во тоа училиште не беше завршено тоа од страна на општината. Моментално во Општина Тетово во шест основни и за некои средни училишта имаме постапки за тоа дека директори се избрани без огласи, без почитување на законските основи. Не се однесува оваа дискусија помеѓу МОН и Општина Тетово. Оваа дискусија се однесува дали се почитуваат законите од основно и средно образование. Не сакам некој да испадне жртва. Да се почитуваат законите во делот на именување на директори“, истакна Шаќири.
Во однос на недостигот на учебници наведе дека со измена на законот, Бирото за развој на образование ќе дава стручно мислење за учебниците и така ќе се избегне ситуацијата да нема рецензенти за школските книги.
Министерот Шаќири во врска со Законот за средно образование очекува во рок од две до три недели или како што се законските рокови тој закон да помине во Собранието.
Подготвено од М.Д.