14.2.2024 Скопје
На иницијатива на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Владата вчера го усвои текстот на предлог-законот за прогласување на Охридско Езеро за заштитено подрачје во трета категорија – споменик на природата. Сега предлог-законот ќе оди во Собрание за негово усвојување.
„Охридското Езеро се прогласува за споменик на природата заради геоморфолошките и хидролошките карактеристики, исклучителните природни вредности, како дел од Светското природно наследство на УНЕСКО и еден од најважните рефугиум центри на биолошката разновидност во европски и светски рамки. Споменикот на природата – Охридско Езеро ќе биде управуван од Јавното претпријатие Колекторски систем. Планот за управување ќе треба да се донесе најдоцна во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон“, соопштија од Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Со прогласување на споменик на природата, се овозможува заштита и зачувување на природната состојба на Охридското Езеро, преку заштита и зачувување на живеалиштата и видовите од национално и европско значење и заштита на другите природни вредности. Потоа, се спречуваат дејствија што можат непосредно или посредно, да предизвикаат нарушување на живеалиштата и екосистемите. Исто така, се создаваат и поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност. Се овозможува и одржливо користење на природните ресурси, на начин на кој не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите“, соопшти МЖСПП.
Процесот е поддржан од Програмата на Обединетите Нации за животна средина (УНЕП) во Виена и Меѓународната унија за заштита на природа (IUCN), Канцеларија за Источна Европа и Централна Азија (ECARO) и од национални институции и експерти.
Подготвено од М.Д.