27.02.2024 Скопје
Американскиот претседател Џо Бајден за време на посетата на Њујорк изјави дека Израел ќе биде подготвен за прекин на огнот во Газа следниот месец, за време на муслиманскиот празник Рамазан, доколку се постигне договор за ослободување на некои од заложниците кои ги држела палестинска милитантна група.
„Рамазан се приближува и постои договор од страна на Израелците дека нема да се вклучат во активности за време на празникот за да ни дадат време да ги извадиме сите заложници“, рече Бајден.
Рамазан започнува на 10 март и се смета за неофицијален рок за постигнување договор за прекин на огнот.
Американскиот претседател верува дека Израел го намалил бомбардирањето на Рафа, град на југот на Појасот Газа и посочи дека Израелците се обврзале да евакуираат голем дел од тој град пред копнената инвазија.
Бајден истакна дека се надева дека прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас што ќе овозможи ослободување на преостанатите заложници може да стапи на сила на почетокот на следната недела.
„Мојот советник за национална безбедност ми вели дека сме блиску, но сè уште не сме готови. Се надевам дека ќе имаме прекин на огнот до следниот понеделник“, рече Бајден.
Во тек се преговори за еднонеделен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас за да се овозможи ослободување на заложниците кои ги држеше милитантната група во Газа во замена за палестинските затвореници во Израел.
Предложената шестнеделна пауза во борбите, исто така, вклучува дозволување на стотици камиони да ја доставуваат потребната помош во Газа секој ден.
Израел не ја исполни наредбата на Меѓународниот суд на правдата (МСП) да обезбеди итна помош за луѓето од Појасот Газа, соопшти во понеделникот „Хјуман рајтс воч“.
Во одлуката донесена на 26 јануари, МСП му нареди на Израел да следи шест привремени мерки, вклучително и преземање „ефективни мерки за да се овозможи испорака на итно потребните основни услуги и хуманитарна помош“ за Газа.
Според одлуката на МСП, Израел во рок од еден месец мора да поднесе и извештај за активностите што ги презема во врска со распределбата на помошта за Појасот Газа.
Израелското Министерство за надворешни работи доцна во понеделникот соопшти дека доставило таков извештај, но официјалните лица не ја коментираа содржината.
Подготвено од А.Ѓ.