28.02.2024 Скопје
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека израелската влада ќе ја загуби меѓународната поддршка доколку не го омекне својот став за војната во Газа.
„Израел имаше огромна поддршка од огромното мнозинство земји. Ако продолжат со оваа неверојатно конзервативна влада што ја имаат, ќе ја изгубат поддршката од целиот свет, а тоа не е во интерес на Израел“, рече Бајден.
Бајден претходно изјави дека се надева оти до следниот понеделник ќе биде постигнат прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.
„Мојот советник за национална безбедност ми вели дека сме блиску, но преговорите се уште не се завршени. Се надевам дека ќе имаме примирје следниот понеделник“, рече Бајден за време на посетата на Њујорк.
Во конфликтот меѓу Израел и Хамас, кој започна на 7 октомври минатата година, досега загинаа повеќе од 29.000 Палестинци и околу 1.300 Израелци.
Подготвено од А.Ѓ.