01.02.2024 Скопје
Антикорупциска истражува, институциите молчат за корупциските скандали на функционерите. Стотина носители на раководни позиции се соочиле со иницијативи за кривичен прогон или разрешување, но за ниту еден владата или обвинителството не ги продолжиле постапките. Дека сомнежите биле вистинити, според антикорупциска, доказ се црните листи на американскиот Стејт Департмент.
„Од нашите иницијативи доставени до Јавните обвинителства до сега нема ниту една јавнообвинителска одлука која стасала до суд“, изјави Билјана Ивановска, претседател на Државна комисија за спречување на корупција.
„Го почнавме мандатот со некои иницијативи како што беше Мерко и општина Струга, ние го завршуваме мандатот, имаме и луѓе на црна листа и се уште нема разрешница. Замислете што ни се случува“, изјави Нури Бајрами, член на Државна комисија за спречување на корупција.
За успешна борба со корупцијата, според ДКСК, неопходно е сите инсититуции да ги работат своите надлежности. Без активирање на обвинителството, УЈП, финансовата полиција, постапките на антикорупциска останувале само на хартија. За својата работа велат признание имале од меѓународните инситуции, од домашните само притисоци.
„Притисоците кон институцијата беа јавни. Дали тоа беше соопштението од кабинетот на Грковска, Артан Груби, Маричиќ се огласи, период кога тројца коментираа на нашите наоди, па настапот на јавното обвинителство кога кажа дека ја прекинува соработката иако нема таква основа, напротив, секој треба своите надлежности. На сите тие јавни притисоци сме имале и јавни одговори“, вели Ивановска.
Антикорупционерите чиј петгодишен мандат завршува наскоро, бараат ажурност и од другите институции, бидејќи како што велат борбата со корупцијата не е работа само на комисијата.
Подготвено од М.Д.