07.02.2024 Скопје
Кинески сајбер шпиони поддржани од официјален Пекинг минатата година ја хакирале внатрешната компјутерска мрежа на холандското Министерство за одбрана, соопштија холандските разузнавачки агенции.
Агенциите MIVD и AIVD објавија дека хакерите инсталирале софистициран малициозен софтвер кој ја криел нивната сопствена активност во мрежата на Министерството за одбрана.
„Кина го користи овој тип на малициозен софтвер за да ги шпионира компјутерските мрежи. Малициозен софтвер е развиен специјално за уредите „Фортигејт“, кои организациите ги користат како заштитен ѕид за да ги заштитат своите системи. Производителот „Фортинет“ го снабдува овој производ ширум светот“, соопштија агенциите во заедничка изјава.
Ова е првпат Холандија јавно да и припише сајбер шпионажа на Кина.
Кинеската амбасада во Холандија сè уште не одговорила на барањето за коментар. Пекинг редовно ги негира наводите за сајбер шпионажа и вели дека се спротивставува на сите форми на сајбер напади.
Минатиот април, AIVD во годишната проценка рече дека Кина претставува најголема закана за економската безбедност на Холандија, со тековните обиди за шпионажа насочени кон врвни технолошки компании и универзитети.
Подготвено од А.Ѓ.