12.02.2024 Скопје
Десничарскиот политичар Александар Стуб од партијата Национална коалиција победи во вториот круг од претседателските избори во Финска, а неговиот противкандидат, независниот кандидат Пека Хависто, го призна поразот.
„Му честитам на Александар, 13-тиот претседател на Финска“, изјави Хависто пред новинарите.
По преброените 98 отсто од гласачките ливчиња, Александар Стуб, поранешниот конзервативен премиер на Финска, доби 51,7 отсто од гласовите, а Хависто нешто повеќе од 40 отсто. Излезноста на гласачите во вториот круг беше околу 70 отсто.
На 28 јануари Финците во првиот круг избраа нов претседател, чија улога добива на значење, поради наглото зголемување на тензиите со соседна Русија, по почетокот на војната во Украина.
Во првиот круг од изборите Стуб имаше најмногу гласови, додека Хависто беше втор.
Бидејќи ниту еден од кандидатите не надмина 50 отсто од гласовите, се одржа втор круг од изборите.
Претседателот на Финска има широки извршни овластувања во формулирањето на надворешната и безбедносната политика, особено во односите со земјите надвор од ЕУ, како што се САД, Русија и Кина. Исто така, тој е врховен командант на вооружените сили и ја претставува земјата на состаноците на НАТО.
Подготвено од А.Ѓ.
Според Уставот на Финска, претседателот одлучува за прашања од надворешната и безбедносната политика заедно со владата, го назначува премиерот и министрите и потпишува закони.
Останувајќи неутрална за време на Студената војна, Финска минатата година стана 31-ва членка на НАТО, на големо изненадување на Русија, со која ја дели границата долга 1.340 километри. Односите меѓу Финска и Русија значително се влошија од февруари 2022 година и почетокот на војната во Украина.