napad na francuska ambasada vo niger

03.01.2024 Скопје

Француското Министерство за надворешни работи објави дека официјално ја затвори својата амбасада во Нигер, неколку месеци откако Париз беше принуден да ги повлече војниците од африканската земја по воениот удар со кој беше соборен демократски избраниот претседател Мохамед Базум.

Во соопштението на француското Министерство се наведува дека одлуката е донесена поради тоа што амбасадата „не е во можност да извршува мисии поради блокади, ограничувања за патување и протерување на дипломатски персонал“ и се додава дека тоа е „очигледно“ кршење на Виенската конвенција за Дипломатски односи.

„Амбасадата ќе продолжи со активностите од Париз. Ќе одржува контакт со француските граѓани кои се на лице место, како и со хуманитарните невладини организации кои ќе продолжиме да ги финансираме“, соопшти француското Министерство за надворешни работи.

Кон крајот на јули 2023 година, воената хунта ја презеде власта во Нигер со државен удар откако го собори демократски избраниот претседател Мохамед Базум.

Не долго потоа, новата влада во Ниамеј почна да презема чекори за отповикување на претходните договори со западните земји, вклучително и военото партнерство на оваа земја од Сахара со Европската унија.

На овој начин, воената хунта на Нигер ја повлече дозволата за спроведување на програмата на ЕУ, која имаше за цел зајакнување на безбедносните сили на Нигер, и побара заминување на француските војници кои и помагаа на таа земја во конфликтите со исламистичките борци.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author