zemjotres turcija

04.01.2024 Скопје

Во Турција започна првото судење во врска со изградбата на згради кои се урнаа во двата големи земјотреси во февруари 2023 година, кога загинаа повеќе од 50.000 луѓе.

Рочиштето за 11 обвинети за „свесно невнимание“ при надзор на изградбата на хотелот „Исијас“ се одржа во градот Адијаман, на југоистокот од државата.

Петмина од 11-те обвинети, вклучително и сопственикот на хотелот, беа уапсени и обвинети за злосторства што секој може да доведе до повеќе од 20 години затвор.

Во уривањето на хотелот загинаа 72 лица, меѓу кои 24 деца.

Турските обвинители велат дека оваа трагедија можела да биде избегната доколку биле исполнети соодветните безбедносни стандарди.

Во обвинението е наведено дека објектот во 2001 година незаконски од станбен објект бил претворен во хотел.

Исто така, еден кат незаконски е додаден на хотелот над деветте дозволени со првичниот план.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги обвини корумпираните инвеститори кои ги подмитувале локалните инспектори да користат евтини градежни материјали и незаконски да подигнат дополнителни катови за високиот број на жртви.

Турската полиција уапси околу 200 луѓе за наводна лоша градба веднаш по првиот земјотрес со јачина од 7,8 степени.

Критичарите на Ердоган тврдат дека повеќето од големите турски градежни компании и компании за недвижнини имаат блиски врски со владејачката партија АКП за време на неговото 21-годишно владеење.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author