vuchikj

24.01.2024 Скопје

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека е тажен поради тоа што и се случи на Марица Михајловиќ во родилиштето во Сремска Митровица, но дека е среќен што таа излезе во јавноста со тоа, а со тоа спаси многу други деца, бидејќи акушерите ќе мораат да бидат повнимателни.

„Ќе разговарам со неа утре и ќе ја примам во Претседателството на Србија. И ќе и се заблагодарам за тоа бидејќи спаси многу други деца. Затоа што сите други ќе треба да бидат повнимателни, многу повнимателни. Иако сум сигурен дека 99,9999 отсто од нив кои работат со мајки даваат се од себе. Живеат за животите на тие мајки и тие деца. Ама секогаш ја имаш таа неодговорна популација од 0.0001 отсто. Но, сега и тие ќе сфатат дека државата реагира крајно силно, крајно одговорно, крајно сериозно и ќе сфатат дека тие мајки секогаш ќе ја имаат нашата поддршка“, изјави Вучиќ на новинарите.

Тој рече дека и тоа ќе се намали во иднина и повтори дека и е благодарен на Михајловиќ што имала сила и храброст да излезе јавно и да зборува за тоа по толку тешка работа. На новинарско прашање што мисли за најавата на одредени здруженија и опозицијата дека ќе организираат протести за тоа што се случи во родилиштето во Сремска Митровица, тој рече дека можат да организираат протести и поради пожар или сообраќајна несреќа.

„Жал ми е што секогаш зборуваме за нешто, што некој си наметнува сопствена тема. Тука сме за иднината на нашата земја. Кога некој сака демонстрации затоа што акушер се однесувал лошо, па ако организира демонстрација поради тоа, тогаш можете да го организирате за било што. Само вие му нудите омраза на народот“, рече Вучиќ.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author