timcho-mucunski 2

12.01.2024 Скопје

„Македонија се наоѓа во таква лоша ситуација што нема нерегуларност која што не е направена од страна на власта“, нагласи Муцунски и додаде дека одлуката за учество во техничката влада ќе значи и именување на партиски лица за функциите во таа влада кои ќе ја надгледуваат регуларноста на процесите во предизборниот период.

Се очекува, кажа тој, Централниот комитет на партијата да го овласти претседателот на партијата Христијан Мицкоски да ги одбере лицата кои ќе бидат дел од техничката влада, а нивните имиња ќе бидат соопштени по Водици.

„Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука партијата да учествува во техничката влада, очекуваме таква одлука да донесе и Централниот комитет“, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски по седницата на партискиот Извршен комитет. Причината за ваквата одлука е што никогаш во Македонија не било полошо, нагласи тој и рече дека пратениците од партијата ќе гласаат воздржано за изборот на техничката влада.

„Причината поради која Извршниот комитет донесе одлука да учествува во техничката влада е затоа што во Македонија се наоѓа во тешка ситуација, од криминал до корупција. Ковачевски и Ахмети контролираат и вршат влијание и врз судството и врз обвинителството. Поради сите овие причини, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ завзема став да се воздржи од гласање на техничка влада која под водство на Талат Џафери и ДУИ нема никаков легитимитет“, рече Муцунски.

Апсолутно крајните рокови ќе бидат роковите кои што се врзани до моментот кога ќе треба да се изгласа таа влада, а тоа е крајот на месецот јануари, но очекувам и од таа најава која што ја имаме во внатрешните дискусии, дека по празникот Водици веројатно ќе има веќе некоја поголема извесност за тоа кои ќе бидат и двајцата министри и тројцата дополнителни заменици министри.

Според овие одлуки партијата ВМРО-ДПМНЕ е спремна за изборните процеси што следуваат.

Подготвено од М.Д.

About Author