12.01.2024 Скопје
Во Германија се укинати субвенциите за електрични возила. Буџетските проблеми ја принудија најмоќната европска економија да ја намали поддршката. Но, производителите на електрични автомобили веднаш реагираа и почнаа да нудат драматични попусти на своите возила. Очигледно може.
Неодамна, Volkswagen значително ги намали цените на почетните верзии на своите електрични автомобили. ID.4 е веќе, на пример, поевтин од Tiguan. Високи попусти во моментов даваат и Kia, Mercedes и Toyota, а сега реагираа и Renault и неговата Dacia.
Dacia Spring, најевтиниот електричен автомобил во Германија, има огромен бонус од 10.000 евра. Малиот автомобил сега е достапен од околу 13.000 евра, колку што изнесува Dacia Sandero со бензински мотор.
Понудата, сепак, важи само до 31 март, се вели во соопштението на производителот.
„Inside-Digital“ пренесува дека Renault започнува со слични акции. Според ценовникот од јануари 2024 година, Megane E-Tech сега е достапен од 35.600 евра и ќе биде поевтин од 6.400 до 6.700 евра. Има и дополнителен бонус од 3.000 евра до 31 март, кој го обезбедува и Renault.
Подготвено од А.Ѓ.