soobrakjaen metezh

17.01,2024 Скопје

Во Република Северна Македонија законски задолжителното осигурување од автомобилска одговорност и зелената карта имаат регулирани цени кои ги утврдува и контролира Владата преку надлежна стручна интересорна комисија.

Сопствениците на возила во 2023 година вложиле 87 милиони евра во oсигурување од автомобилска одговорност. Во вкупните вложувања зелената карта учествува со 21 милиони евра. Сите цени за задолжителното автомобилско осигурување и за зелена карта ги регулира државата. Агенција за супервизија на осигурување (АСО), Министерството за финансии и осигурителната индустрија работат на подготовките на процесот за либерализација на цените што е и еден од условите во пристапните преговори за членство во ЕУ, кажаа од АСО.

Граѓани, компании и институции осигурале повеќе од 697.700 возила (патнички и товарни возила, автобуси, моторцикли, трактори, приколки и специјални возила) во 2023 година. Вкупниот број на возила за кои сопствениците купиле полиси за задолжително осигурување од автомобилска одговорност во 2023 година е зголемен за 5 отсто во споредба со 2022 година, покажуваат прелиминарните податоци кои до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги достави Националното биро за осигурување (НБО).

Секое трето осигурано возило имало и зелен картон за патување во странство, покажуваат податоците. Во текот на 2023 година сите 11 осигурителни компании издале 260.815 зелени карти – осигурување неопходно за возење во странство. Бројот на издадени зелени карти лани е зголемен за речиси 20.000 односно 8 отсто повеќе од 2022 година. Осигурениците во зелени карти во 2023 година вложиле 1,3 милијарди денари (21,16 мил.евра).

Зелената карта е осигурување кое служи за обештетување на трети лица доколку се случи сообраќајна незгода или несреќа во странство. Специфика на зелената карта е тоа што во некои земји нема утврдена масимална сума за човечки жртви во сообраќајна несреќа. Во таков случај осигурителната компанија што ја издала зелената карта ќе исплати износ без ограничување.

Податоците добиени од НБО покажуваат дека граѓаните, компаниите и институциите лани купиле вкупно 958.528 полиси за осигурување возила во земјава и во странство. Во осигурување од автомобилска одговорност (за возење во земјава и во странство) во 2023 година се вложени 5,33 милијарди денари (86,75 мил.евра).

Бројот на издадени полиси за автомобилско осигурување за во земјава и во странство лани во однос на 2022 година е зголемен за 6 отсто, а нивната вкупна вредност е поголема за 6,5 отсто, покажуваат податоците на НБО.

НБО има законски овластувања да ги врши работите предвидени со меѓународните спогодби за осигурување на сопствениците и корисниците на моторни возила од одговорност во сообраќајот. НБО ги претставува сите македонски компании за неживотно осигурување во меѓународните организации и институции за осигурување.

Подготвено од М.Д.

 

About Author