16.01.2024 Скопје
Вештачката интелигенција ќе влијае на речиси 40 проценти од работните места ширум светот, заменувајќи некои и дополнувајќи други.
Затоа е потребна внимателно избалансирана политика за да се искористи нејзиниот потенцијал, изјави Кристалина Георгиева, директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Таа на блогот на ММФ напиша дека сме на работ на технолошка револуција која би можела да ја зголеми продуктивноста, да го поттикне глобалниот раст и да ги зголеми приходите ширум светот, но посочи дека вештачката интелигенција може да ги замени и работните места и да ја продлабочи нееднаквоста.
Георгиева посочува дека ќе треба да се дизајнира збир на политики за да може безбедно да се искористи огромниот потенцијал на вештачката интелигенција за доброто на човештвото.
Таа наведува дека истражувањето на ММФ за потенцијалното влијание на вештачката интелигенција на глобалниот пазар на труд покажува дека речиси 40 отсто од работните места ќе бидат под влијание на вештачката интелигенција.
Со оглед на тоа што вештачката интелигенција влијае на висококвалификуваните работни места, напредните економии се соочуваат со поголеми ризици од вештачката интелигенција, но и со поголеми можности за искористување на нејзините придобивки, во споредба со пазарите во развој и економиите во развој.
Во напредните економии, вештачката интелигенција може да влијае на околу 60 отсто од работните места, според истражувањето на ММФ.
Околу половина од работните места кои ќе бидат погодени од вештачката интелигенција може да имаат корист од добивката во продуктивноста, но за другата половина, вештачката интелигенција ќе може да ги извршува клучните задачи што моментално ги извршуваат луѓето, што може да ја намали побарувачката на работна сила и да доведе до пониски плати и намалување на вработеноста, вели Георгиева.
Во најекстремните случаи, некои од овие работни места може да исчезнат.
Спротивно на тоа, на пазарите во развој и земјите со ниски приходи, вештачката интелигенција се очекува да влијае на 40 и 26 проценти од работните места, соодветно.
Многу од овие земји немаат инфраструктура или квалификувана работна сила за да ги искористат предностите на вештачката интелигенција, што ја зголемува опасноста дека нееднаквоста меѓу нациите може да се зголеми со текот на времето.
Истражувањата покажуваат дека вештачката интелигенција може да им помогне на помалку искусните работници да ја зголемат својата продуктивност побрзо, но и дека на помладите работници може полесно да се прилагодат и на тој начин да заработат повисоки плати, додека постарите работници може да се борат да се прилагодат.
Георгиева посочува дека од клучно значење е земјите да воспостават сеопфатни мрежи за социјална заштита и да понудат програми за преквалификација на работниците.
Подготвено од А.Ѓ.