23.01.2024 Скопје
Општина Кисела Вода започна со достава на униформите за учениците од основните училишта на своја територија. Сите 5460 основци од прво до деветто одделение, бесплатно добиваат униформа која има унифицирана боја за секое од осумте училишта.
Покрај бесплатните униформи за сите ученици, Општина Кисела Вода и оваа учебна година обезбеди ранче за секое прваче, а бројни се и проектите за финансиска поддршка на учениците од социјален ризик-бесплатни ужинки, курсеви и спорт, како и бесплатно летување.
„Денес, на првиот ден од второто полугодие, започнавме да ги доставуваме бесплатните униформи до сите наши ученици, во сите основни училишта на територија на општина Кисела Вода. Оваа мерка е уште еден од чекорите за обезбедување еднакви можности за сите деца и овозможување на позитивен детски развој. Униформите ќе создадат рамнотежа и единство меѓу учениците, независно од финансиските можности на нивните родители. Овозможувајќи бесплатни униформи за сите, го намалуваме ризикот од дискриминација и креираме рамка каде сите ученици се почитуваат и прифаќаат. Се одлучивме секое училиште да има различна боја на униформа, со што креираме заеднички идентитет за учениците и го поттикнуваме чувството на припадност кон сопственото училиште. На овој начин ги подигнуваме и безбедносните стандарди во училиштата. Препознатливоста на униформата го прави веднаш воочливо присуството на лица кои не се дел од тоа училиште, со што се прави превенција од несакани ризици. Образованието претставува столб на нашето општество и ние како локална самоуправа ќе продолжиме со инвестиции во образовните институции што дополнително ќе ги зголемат можностите и перспективите за нашите ученици“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Подготвено од М.Д.