05.01.2024 Скопје
Поранешниот американски претседател и фаворит за титулата републикански кандидат на претстојните претседателски избори во САД, Доналд Трамп, побара од Врховниот суд на САД да ја укине одлуката на судиите во Колорадо, која го спречува да учествува на внатрепартиски избори во таа федерална држава.
Во жалбата до Врховниот суд на САД, тимот на адвокати на Трамп посочи дека во американската демократија пресудата од Колорадо „не може да биде точна“.
Доколку остане во сила, тоа „ќе биде првпат во историјата на САД судството да ги спречи гласачите да гласаат за водечкиот претседателски кандидат на една голема партија“, се вели во документот.
Адвокатите на Трамп во своето поднесување наведоа голем број причини зошто Врховниот суд на САД треба да му дозволи да се кандидира во Колорадо.
„Текстот и формата на Уставот јасно покажуваат дека претседателот не е ‘офицер на Соединетите Држави’“, велат тие.
Одлуката на Врховниот суд во Колорадо, која го изедначува шефот на државата со воените офицери од понизок ранг, „пркоси на здравиот разум“, се вели во поднесокот.
Адвокатскиот тим на Трамп тврди дека судиите во Колорадо „згрешиле“ во дефинирањето на улогата на Трамп во немирите во Капитол пред три години.
„Тоа не беше „бунт“ и претседателот Трамп не беше „ангажиран“ на кој било начин во „бунт“, според адвокатите.
Поднесокот, исто така, тврди дека „прашањето за подобност“ за претседателската кандидатура треба да го определи Конгресот, а не судовите во одделни држави.
Врховниот суд во Колорадо пресуди дека Трамп не е подобен за реизбор во средината на декември и го отстрани од гласањето за локалните првични избори на 5 март, откако понискиот државен суд го прогласи за виновен за бунт за неговата наводна вмешаност во немирите во Капитол на 6 јануари 2021 година.
Во пресудата, судиите на Врховниот суд се повикаа на 14-тиот амандман на американскиот Устав, кој вели дека „офицерите“ кои учествувале во бунтот не можат да се кандидираат за федерални или државни функции. Амандманот беше усвоен во 1868 година и беше насочен кон оние кои се бореа за Конфедерацијата за време на Граѓанската војна во САД.
Според извештаите на медиумите, случајот најверојатно ќе го преземе американскиот Врховен суд, кој е под зголемен притисок да донесе одлука за потенцијална забрана на Трамп да извршува јавна функција. Сепак, нејасно е колку време ќе им треба на судиите за да донесат одлука.
Во вторникот, на 2 јануари, Трамп ја обжали одлуката на државниот секретар на државниот секретар Шана Белоус на Врховниот суд на Мејн да го дисквалификува од првичните избори, наведувајќи ја истата клаузула за бунт.
Подготвено од А.Ѓ.