05.01.2024 Скопје
Судскиот совет соопшти дека сите одлуки кои се донесени за време на претседателството на Сашко Георгиев се во правна сила.
Од Судскиот совет информираат дека во врска со вчерашните изјави во јавноста со кои се отвораат дилеми околу ништавноста на сите акти донесени во периодот од изборот на Сашко Георгиев за претседател на Судскиот совет на Република Северна Македонија до моментот на давањето на неговата оставка, а во врска со донесената правосилна и извршна пресуда на Управниот суд, Судскиот совет има потреба да се произнесе со став дека сите акти донесени во овој период се во правна сила.
Оттаму истакнуваат дека со пресудата на Управниот суд не се доведува во прашање законитоста на одлуките донесени од Судскиот совет како колективно тело, бидејќи се поништува решението за разрешување на сегашната претседателка.
Професорот по управно право Борче Давитковски рече дека секој што досега не обжалил некоја од одлуките што се донесени во времето кога Георгиев беше претседател на Советот, а тоа е од мај 2023 година до 3 јануари 2024 година, може да ја обжали одлуката или постапката и да побара повторување.
Подготвено од А.Ѓ.