26.01.2024 Скопје
САД не учествуваа во уривањето на авионот „Ил-76“ во регионот Белгород во Русија со украински воени заробеници, изјави заменик портпаролот на американскиот Стејт департмент, Ведант Пател.
„Можам да кажам дека САД на ниту еден начин не беа вклучени во оваа авионска несреќа“, рече Пател на прес-конференција.
Пентагон претходно објави дека САД истражуваат потенцијална вмешаност на американско оружје во соборувањето на авионот.
Министерството за одбрана на Русија вчера соопшти дека во Белгородската област се урнал воениот транспортен авион „Ил-76“ со 65 украински воени заробеници кои се превезувале на размена. Сите воени заробеници загинаа, заедно со шест членови на екипажот и три лица кои го придружуваа авионот.
Руското Министерство ги обвини украинските сили за соборувањето на авионот.
Главната управа за разузнавање на Министерството за одбрана на Украина подоцна соопшти дека нејзиниот персонал не знаел дека рускиот Ил-76 превезувал украински воени затвореници на размена, но украински портал објави дека Министерството ја потврдило размената на затвореници во средата.
Подготвено од А.Ѓ.