evropska unija eu zname

25.01.2024 Скопје

Без напредок во дијалогот меѓу Белград и Приштина, кој се води со посредство на ЕУ, нема да има напредок во процесот на пристапување во ЕУ, изјави денеска портпаролот Петер Стано.

Стано посочи дека доколку има напредок од едната страна, тоа ќе се одрази и на пристапниот процес на таа страна.

„Европската унија во неколку наврати, како и во правни документи, многу јасно стави до знаење дека патот на Косово и Србија кон ЕУ е преку дијалог што се води со посредство на ЕУ. Со други зборови, доколку нема напредок во дијалогот, нема напредок во процесот на пристапување во ЕУ“, рече Стано на брифинг со новинарите во Брисел.

Тој посочи дека таквиот став на ЕУ е наведен во бројни документи, како што се заклучоците на Советот од 2013, 2014 до 2022 година, преговарачката рамка за Србија, овогодинешната комуникација за проширувањето и извештаите за Белград и Приштина.

„Многу јасно е наведено што очекуваат Европската унија и нејзините земји-членки кога станува збор за пристапниот процес и дијалогот“, рече Стано.

Тој нагласи дека овие два процеса всушност се дел од истиот процес, односно дека дијалогот и пристапувањето на Белград и Приштина во Европската унија се неминовно поврзани и неразделни.

Значи, без напредок во дијалогот и во исполнувањето на обврските, нема напредок на патот кон ЕУ.

Кога станува збор за нападот во Бањска, тој рече дека нема ништо ново да каже и оти ЕУ се уште го чека конечниот извештај од истрагата што ја водат властите во Приштина.

„Кога ќе ги видиме конечните резултати, тогаш ќе го анализираме, ќе го разгледаме и ќе ги извлечеме потребните последици, без да ги коментираме поединечните забелешки на никого во конкретен контекст“, рече Стано и додаде дека ЕУ очекува безусловна соработка на сите што може да придонесе да се разјасни што се случило.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author