05.01.2024 Скопје
Славе Ѓорѓо Димоски е авторот на поемата „Денес“, избрана како најдобра поема за наградата што секоја година ја доделува Националната установа – Центар за култура „Григор Прличев“ од Охрид. Наградата на лауреатот ќе му биде врачена во рамки на манифестацијата „Прличеви беседи“ што се одржува на почетокот на февруари.
Одлуката за изборот на најдобрата поема донесена е едногласно од страна на Комисијата составена од Милован Стефановски – претседател и членовите Елизабета Шелева и Иван Додовски.
Според соопштението од Комисијата, на конкурсот биле пријавени седум авторски дела, од кои во потесен круг покрај наградената уште влегла и поемата „Армагедон – големиот суден ден“ , пријавена под шифра „Валтер“.
Општа оценка на Комисијата е дека квалитетот на дел од пријавените поеми не е на очекуваното ниво, особено имајќи ги предвид угледот на наградата и вредностите на некои наслови наградувани изминатите години.
Според членовите на Комисијата, наградената поема „Денес“ се издвоила од останатите пријавени ракописи, нудејќи „драгоцени созвучја со современоста, дискретно актуализирајќи повеќе топоси како, на пример, постхуманизам, масовен хазард, миграции и војна“.
Славе Ѓорѓо Димоски (поет, есеист, преведувач) завршил Филолошки факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во два мандата бил претседател на Управниот одбор на НУ „Струшки вечери на поезијата“. Основач е и долгогодишен раководител на фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“. Автор е на бројни книги поезија, објавил шест книги за деца и четири книги со есеи, а превел над триесетина книги на поети од словенското јазично подрачје.
Подготвено од А.Ѓ.