12.01.2024 Скопје
Македонскиот пијанист Симон Трпчески концертната сезона ја продолжува на 13 јануари (православната Стара нова година), кога во салата „Рение Трети“, во Монте Карло, заедно со своите пријатели ќе го изведе „Македонисимо“. Трпчески, Краповски, Сомов, Мамудов и Нушев продолжуваат со претставувањето на проектот базиран врз традиционалната македонска музика, чии транскрипции, по идеја на Трпчески, ги потпишува нашиот истакнат композитор Панде Шахов.
Со овој настап македонскиот пијанист го продолжува своето гостување како резиденцијален артист на Филхармонискиот оркестар на Монте Карло, во чии рамки е предвидено да одржи 4 концерти во тековната сезона 2023/24. Првиот беше заедничката изведба на Вториот концерт за пијано и оркестар од Рахмањинов во октомври 2023, а по саботното гостување, остануваат уште две концертни вечери со различна програма до крајот на пролетта.
По највисоките оценки од „Тајмс“ и „Грамофон“, 5 ѕвездички за изведбата и одлична рецензија за новиот двоен албум на Симон Трпчески снимен за британската етикета „Лин рекордс“. На овој албум Трпчески е повторно обединет со романскиот диригент Кристијан Мачелару и Симфонискиот оркестар на WDR од Келн, Германија, во изведбата на двата концерта за пијано и оркестар од Јоханес Брамс.
Деновиве, албумот на Трпчески, Мачелару и Симфонискиот оркестар на Западногерманското радио се најде и на листата кандидати за германските дискографски награди на критиката во категоријата за најдобра концертна изведба. Оваа ценета награда се доделува во 32 специјализирани категории – од инструментални и вокални изведби, камерна музика, хорски изведби, преку опера, филмска музика, до светска музика и џез. Како што наведуваат организаторите, критериуми за оценување се уметничкиот квалитет, репертоарската вредност, презентацијата и квалитетот на звукот.
Подготвено од М.Д.