severna koreja

24.01.2024 Скопје

Северна Кореја денеска околу 7 часот по локално време истрела неколку крстосувачки ракети во Жолтото Море, соопшти Здружениот генералштаб на вооружените сили на Јужна Кореја.

Се верува дека е првпат Северна Кореја да тестира крстосувачки ракети од септември минатата година, кога државните медиуми објавија ден по лансирањето, на 2 септември, дека Пјонгјанг тестирал две крстосувачки ракети со долг дострел како дел од тактичката вежба за нуклеарен удар.

Тензиите меѓу Северна и Јужна Кореја се зголемуваат, Пјонгјанг истрелал бараж артилериски гранати три последователни дена во близина на спорната западна поморска граница со Јужна Кореја, додека Сеул, од друга страна, извршил воена вежба како одмазда.

Лансирањето на проектилот дојде неколку дена откако Пјонгјанг изврши тестирање на подводниот систем за нуклеарно оружје Хаил-5-23 во петокот, 19 јануари, во знак на протест против претходно одржаните заеднички поморски воени вежби меѓу Јужна Кореја, САД и Јапонија.

На половина пат од овој месец, на 14 јануари, Северна Кореја лансираше нова „хиперсонична“ ракета со цврсто гориво, а два дена подоцна севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун повика на ревизија на Уставот за да се дефинира Јужна Кореја како „непријателска земја број еден“ и дека, како што објавија тогашните севернокорејски државни медиуми, беше утврдена посветеноста на „целосна окупација“ на јужнокорејска територија во случај на војна.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author