Image by wirestock on Freepik

26.01.2024 Скопје

Саудиска Арабија се подготвува да ја отвори својата прва продавница за алкохол во главниот град Ријад, која ќе им служи исклучиво на немуслиманските дипломати.

Дипломатите ќе треба да добијат посебно одобрение за користење на услугите на новата продавница за алкохол.

Купувачите ќе мора да се регистрираат преку мобилна апликација, да добијат код за одобрување од Министерството за надворешни работи и да ги почитуваат месечните квоти при купувањето, се вели во документот.

Овој потег претставува пресвртница во напорите на кралството, предводено од саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, да ја отвори ултраконзервативната муслиманска земја за туризам и бизнис, бидејќи пиењето алкохол е забрането во исламот.

Новата продавница се наоѓа во Дипломатскиот кварт на Ријад, населба во која престојуваат амбасади и дипломати и ќе биде „строго ограничена“ за немуслиманите, се вели во документот.

Не беше јасно дали другите немуслимански иселеници ќе имаат пристап до продавницата. Милиони иселеници живеат во Саудиска Арабија, но повеќето од нив се муслимански работници од Азија и Египет.

Саудиска Арабија има строги закони против пиење алкохол казниви со стотици камшик, депортација, парични казни или затвор, а иселениците исто така се соочуваат со депортација.

Алкохолот е достапен само преку дипломатска пошта или на црниот пазар.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author