30.01.2024 Скопје
Последното истражување на Транспаренси интернешнал за перцепцијата на корупција опфати 180 земји ширум светот, оценети на скалата од 0-100 каде оценка 0 е за многу корумпирани земји, а оценка 100 за земји со многу мала корупција.
Според ова рангирање во кое е опфатена и Македонија, земјава го зазеде 76-то место со индекс на корупција од 42, што ја означува Македонија како земја со сериозни проблеми со корупција.
Споредено со претходната година бележи благ пораст на индексот на перцепција односно минатата година земјава имала за 2 поени повисока корупција.
Она што може да се забележи од овој извештај е дека над две третини од земјите имаат резултат под 50, што силно укажува дека имаат сериозни проблеми со корупцијата.
Глобалниот просек е заглавен на само 43, додека огромното мнозинство земји не постигнале напредок или опаѓале во последната деценија.
Глобалниот тренд на слабеење на правосудните системи ја намалува одговорноста за јавните службеници, што овозможува корупцијата да напредува, се нотира во извештајот на Транспаренси интернешнал, од каде додаваат дека и авторитарните и демократските лидери ја поткопуваат правдата.
Проценките се дека корупцијата ќе продолжи да напредува се додека правосудните системи не можат да го казнат престапот и да ги држат владите под контрола.
Лидерите треба целосно да инвестираат и да ја гарантираат независноста на институциите кои го почитуваат законот и се справуваат со корупцијата, се вели во анализата.
Подготвено од М.Д.