16.01.2024 Скопје
Договорот што ќе го потврди крајот на војната меѓу Украина и Руската Федерација треба да се заснова „на формулата за мир“ и да биде мултилатерален. Тоа значи дека не треба да го потпишат само Украина и Русија, туку и земјите гаранти, изјави украинскиот министер за правда Денис Маљуска.
„Договорот мора да биде сеопфатен и да ги регулира сите области погодени од војната. Условите на договорот мора да бидат јасни и правно обврзувачки, а самиот договор мора да биде ратификуван од парламентите на земјите што ќе го потпишат“, рече Маљуска на четврти состанок на советниците за национална безбедност во Давос, на кој се зборуваше за 10-тата точка од Формулата за мир на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, која се однесува на завршување на војната.
Според него, Украина постојано се обидувала да се договори за меѓусебните односи со Русија и да подготви релевантен меѓународен договор. Сепак, додаде тој, Русија престана да го спроведува секој пат и го игнорираше, соопшти Министерството за правда.
„Ова не ни е прв пат, имавме договор за заедничка граница, голем договор за пријателство и соработка, меморандумот од Будимпешта и договорот од Минск“, рече министерот Маљуска, нагласувајќи дека „не можеме да правиме грешки од минатото“.
Министерството за правда потсетува дека на средбата во Давос учествуваа претставници на 83 земји и три меѓународни организации. Претседателот Володимир Зеленски, кој веќе пристигна во Швајцарија, денес ќе се обрати на Светскиот економски форум во Давос.
Подготвено од А.Ѓ.