26.01.2024 Скопје
Илјадници луѓе го одбележаа националниот празник на Австралија со протестни собири наречени „Ден на инвазијата“ за поддршка на домородната заедница во земјата.
Денот на Австралија го одбележува денот кога Велика Британија ја основа државата Нов Јужен Велс како казнена колонија, пристигнувајќи во сегашен Сиднеј со „Првата флота“ која донела колонисти и осуденици.
Со протестните собири се бара да се укине Денот на Австралија или да се помести датумот на прославата.
Многу луѓе го слават празникот со скари и патувања на плажа, а исто така е популарен датум кога некои имигранти добиваат австралиско државјанство.
Сепак, многу домородни Австралијци, кои сочинуваат 3,8 отсто од 26-те милиони жители на земјата, го отфрлаат празникот како почеток на неправдите претрпени од европската колонизација.
Во Сиднеј, илјадници демонстранти, многумина вееја домородни знамиња, се собраа во центарот на градот на митинг „Денот на инвазијата“ пред маршот кој ги затвори околните градски улици.
Водачот на абориџинската заедница Адријан Бурагуба рече дека дошол на митингот „да им каже на луѓето дека Денот на Австралија не ни значи ништо“.
„Ова е Ден на суверенитетот на Абориџините“, рече Бурагуба.
Слични собири се одржаа и во други поголеми градови, вклучувајќи ги Мелбурн во Викторија, Бризбејн во Квинсленд и Хобарт во Тасманија.
Домородните Австралијци кои ја населиле земјата пред најмалку 65.000 години се меѓу најранливите групи во земјата и се соочуваат со проблеми, вклучително и лоши здравствени и образовни резултати и високи стапки на апсење.
И покрај повиците за промена на датумот на Денот на Австралија на 26 јануари, владејачката Лабуристичка партија предводена од премиерот Ентони Албанезе го отфрли таквиот потег. Говорејќи на церемонијата за добивање државјанство во Канбера, Албанезе рече дека тој ден е „наша можност да застанеме и да размислиме за сето она што го постигнавме како нација“.
Подготвено од А.Ѓ.