19.01.2024 Скопје

Ваквиот потег на властите во Приштина не само што е загрижувачки туку ќе ги доведе во прашање и сите процеси, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ, со што се согласуваат и економистите.

Приштина отиде чекор понатаму во своите антисрпски потези и најави укинување на динарот како валута на територијата на Косово и Метохија, како и на платните трансакции со централна Србија. Економистите се согласуваат во оценката дека тоа ќе има негативно влијание врз српското население на Косово и Метохија, како и врз трговијата со јужната српска покраина.

Српскиот претседател Александар Вучиќ завчера при престојот на Светскиот економски форум во Давос посочи дека постои можност Приштина да ги откаже платежните трансакции со централна Србија, што ги доведува во прашање сите процеси.

„Најавата што ја добиваме од Приштина дека се подготвуваат да размислуваат за укинување на платежните трансакции со централна Србија, односно да забранат користење на динари, да упаднат во Поштенската штедилница, нашите пошти во јужната српска покраина, не само што нè загрижува, но и ги доведува во прашање сите процеси и нормализација и дијалог и се останато“, рече Вучиќ.

Економистот Милан Ковачевиќ истакна дека Косово веќе користи две валути – динарот и еврото и објасни дека не е прашање дали, туку кога ќе се укине српскиот динар.

„Единствено што не знам е дали Европската централна банка ќе прифати да го користат еврото како официјална валута или ќе побараат да имаат своја“, изјави Ковачевиќ.

Тој истакна дека во таква ситуација новите пари се разменуваат во одредена пропорција со динарот, каде што многу често се случува, кога има несогласување меѓу две страни, да се трудат да направат што е можно повеќе во своја полза, па дека тие што имаат динари се во загуба.

„Имено, граѓаните би морале да разменуваат пари по курс на кој помалку или повеќе би влијаеле понудата и побарувачката или таканаречената држава Косово. Укинувањето на динарот секако би имало негативно влијание врз нашата трговија со нив, иако веќе страдаме затоа што го ограничи увозот на нашите производи и ја загубивме позицијата со некои производи“, рече Ковачевиќ.

И економистот Љубомир Маџар изјави дека ваквиот потег на Приштина сигурно ќе има негативни последици за Србија.

„Тоа е лукав план, кој повторно би донел еден бод за Приштина во тој натпревар со Белград, бидејќи тогаш луѓето кои работат таму и се платени од Белград би се нашле во потешка ситуација од порано. Додуша динарот е конвертибилен , можат да заменат за евро, но тоа е дополнителна работа и трошок затоа што секогаш се троши на конверзија. Се на се, во таква ситуација сите тешкотии би паднале на товар на Србите“, изјави Маџар.

Премиерката Ана Брнабиќ рече дека се надева дека нема да има откажување на платежни трансакции со Србија и откажување на динарот на Косово, нагласувајќи дека со ваквите потези косовскиот премиер Албин Курти не придонесува за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, но убива секаков вид на дијалог.

„Доколку се доведуваат во прашање укинувањето на платежните трансакции и укинувањето на динарите, тогаш Курти навистина се обложува дека повеќе нема да има дијалог“, посочи таа.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *