26.01.2024 Скопје
Штрајкот за повисоки плати во Државниот испитен центар е прекинат и од денеска вработените продолжуваат со извршувањето на своите секојдневни обврски и надлежности. Потпишана е измена на Колективниот договор со која е овозможено зголемување на приходите на вработените со преминот во системот на плати согласно Законот за административните службеници и со додатокот на плата од самофинансирачките активности на институцијата кој е обезбеден до крајот на 2024 година.
За ова, министерот за образование и наука Јетон Шаќири беше информиран од страна на директорката на ДИЦ, Билјана Михајловска со која остварија средба во врска со низа процеси кои претстојат, а во чија реализација, оваа институција има клучна улога.
„Драго ми е што работата на Државниот испитен центар како важна институција во рамки на воспитно – образовниот систем во државата се нормализира. Ја поздравувам одлуката на вработените во ДИЦ да продолжат со извршувањето на своите секојдневни обврски и активности, со што не се доведува во прашање остварувањето на правата на граѓаните кои произлегуваат од делокругот на работа оваа институција“, рече Шаќири.
Според директорката Михајловска, државната матура како најкрупен процес под надлежност на ДИЦ, ќе се спроведе квалитетно и во предвидените рокови. Интензивни се подготовките, што подразбира креирање на базите со прашања, протоколите и печатење на испитните материјали. Во координација со средните училишта, се подготвува спроведување на екстерните испити во големи простории што ќе овозможи и поголема објективност на резултатите. Вработените во ДИЦ прават максимални напори со единствена цел – матурантите да ги имаат најдобрите услови за непречено и релаксирано полагање на испитите од државната матура.
Подготвено од М.Д.