eu ukraina glas

10.01.2024 Скопје

Украинскиот оператор на електричната мрежа Укренерго објави дека тешките зимски услови оставиле повеќе од 1.000 градови и села без струја во девет региони и ги повика жителите да штедат електрична енергија бидејќи електроенергетскиот систем е ослабен од руските напади.

Во соопштението се наведува дека потрошувачката на електрична енергија оваа недела била на највисоко ниво, бидејќи температурата во многу делови од земјата се спуштила на околу минус 15 Целзиусови степени.

„Нивото на потрошувачка продолжува да расте поради значителниот пад на температурата низ целата земја“, се вели во соопштението објавено на платформата „Телеграм“, во кое се истакнува дека потрошувачката на електрична енергија наутро веќе била за 5,8 отсто поголема од претходниот ден.

Во соопштението се наведува дека од утрово поради лошо време – силен ветер и мраз – електричната енергија е исклучена во 1.025 населени места.

„Временските услови предизвикаа значителна штета на дистрибутивните мрежи со силен ветер, мраз и дебел слој мраз на опремата, што ја одложи работата за поправка“, соопшти Укренерго.

Виталиј Ким, гувернер на јужниот регион Миколаев, каде што 215 градови и села се без струја, рече дека мразот на електричните кабли е дебел повеќе од пет сантиметри.

„Укренерго“ соопшти дека електроенергетскиот систем веќе работи со максимален капацитет и апелираше до жителите што повеќе да штедат електрична енергија и да избегнуваат истовремено користење на неколку електрични уреди за да му помогнат на системот.

„Во моментов електричната енергија е доволна за снабдување на сите комерцијални и домашни потрошувачи, меѓутоа, големото зголемување на потрошувачката создава дополнително оптоварување на електраните, кои веќе работат на максимално ниво и треба многу брзо и значително да го зголемат производството, а тоа може да доведе до технолошки пореметувања“, се наведува во соопштението.

Во соопштението се потсетува дека Украина мораше да увезува струја од соседните Романија и Словачка за да ја задоволи побарувачката.

Се очекува Украина во наредните денови да се соочи со бран екстремно студено време со температури кои во некои региони ќе се спуштат до околу минус 27 степени Целзиусови.

Украинското Министерство за енергетика соопшти дека повеќе од 157.000 потрошувачи во моментов се без струја.

Енергетската инфраструктура на земјата беше уништена од руски воздушни напади како одмазда за „терористичкиот напад“ на Кримскиот мост во 2022 година.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author