sneg grcija

30.01.2024 Скопје

Поради зимското време и снегот во Грција затворени се патиштата во планинските области околу Атина, Евија и Виотија, а фериботите не го напуштаат пристаништето поради бурните ветрови.

Снег падна на атинските ридови Парнита и Пентели, поради што властите ги затворија патиштата кои водат кон околните планини додека не бидат исчистени од снег и безбедни за возење.

Потребна е зимска опрема и синџири за снег на стариот национален автопат Елефсина околу Каза во западна Атика, додека училиштата, канцелариите и деловните субјекти во областите погодени од лошото време работат онлајн, соопшти службата за цивилна заштита.

Бурните ветрови во Егејското Море утринава ги спречија фериботите да ги напуштат атинските пристаништа Пиреја, Лаврио и Рафина.

Делови од Евија и Виотија се соочија со слични проблеми што ги донесе студениот зимски фронт наречен Авги, а особено обилни снежни врнежи има во Стена и Леонтара.

Според прогнозата на Националната метеоролошка служба, ниски температури и снег денеска се очекуваат и во Тесалија, островите Споради, источните делови на централна Грција, Евија и северниот и источниот Пелопонез, како и на повисоките места на Крит и на Егејските острови, додека за останатите врнежи од дожд се прогнозираат за делови од земјава.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author